ALL` INFINITO ЕСЕИ ЗА МАКЕДОНСКАТА МУЗИКА – Марко Коловски

ALL` INFINITO

ЕСЕИ ЗА МАКЕДОНСКАТА МУЗИКА[1]

 

 

Марко Коловски

 

 

ЕПИЛОГ:

ПРЕД НОВИ ПРЕДИЗВИЦИ

 

СОЦИЛОШКИ ДИСКУРС:

ИСКУШЕНИЈАТА НА СОВРЕМЕНОТО МАКЕДОНСКО

МУЗИЧКО ТВОРЕШТВО ДЕНЕС

Повеќе години нанaзад македонските музички творци, главно концентрирани во Сојузот на композиторите на Македонија, во различни пригоди и на различен начин се обидуваа да ја артикулираат состојбата во која се наоѓа  современото македонско музичко творештво. Во зависност од моментот, од поводот, од актуелниот интерес, од заземниот ракурс, од фокусираниот сегмент, – беа изложувани многубројни и разновидни фактори кои негативно влијаат врз творештвото, го попречуваат или директно го загрозуваат неговиот развој. Понекогаш тоа беа несоодветните политики на властите, несразмeрни и неприспособени за последиците од транзицијата кон пазарното општество. Друг пат „на тапет“ беше програмската политика пред се на големите ансамбли, кои подоцна станаа национaлни институции. Трет пат – Македонската радио-телевизија која во својaта агонија најанпред го уништи виталниот сегмент за музичкото творештво кај нас – сопствената Музичка продукција и нејзините ансамбли. Понекогаш причината беа други, поситни или покрупни фактори. Она што е особено интересно е тоа што иако беа давани доста уверливи аргументи за поединечните негативни влијаниjа на сите споменати и неспоменати фактори врз музичкото творештво, речиси никогаш не се направи обид да се констатираат последиците од тоа. И, потоа да се постави дијагноза: во каква состојба по сите тие, според не поделеното мислење – негативни атаци, се напаѓа пацинетот. Каде е и какво е македонското музичко творештво денес.

Првиот посериозен обид во таа смисла беа почнатите трибини на тема „Македонското музичко творештво денес“ од страна на сојузот на композиторите на Македонија (2009). Почетокот, освен што покажа дека е пет по дванаесет за поставување на дневен ред на оваа тема, овозможи недвосмислено за прв пат во СОКОМ да се изговори терминот „криза“ или неговите различни деривации за да се опише состојбата на нашето творештво денес. Ова, излагање, всушност, може и треба да се смета за дел од процесот на поставување на точната дијагноза за „болниот пациент“ на начин што не е можен во рамките на една отворена расправа какви што се јавните трибини.

 

ПРОЛЕГОМЕНА:

КАКО МОЖЕ ДА СЕ ОПИШЕ АВТОРОТ НА КЛАСИЧНА

МУЗИКА КАЈ НАС ДЕНЕС?

Тој е школуван композитор на возраст меѓу дваесет и речиси осумдесет години. Последниве десетина години пишува по една композиција годишно. Таа е нарачка од сојузот на композиторите на Македонија  како дел од програмата за стимулација на музичкото творештво што заедно ја спроведува  СОКОМ и Министерството за култура чии што вкупен годишен буџет во нето износ е окулу 6.000 евра. За нарачаната и напишана композиција тој ќе добие паричен надомест од приближно окулу 500 евра. Неговата композиција, ако има среќа да има соодветен изведувачки став, што главно се
случува, ќе биде изведувана на единствената манифестација во чии рамки се исполнува македонското музичко творештво – „Денови на македонската музика“. Ќе ја слушат стотина негови колеги, роднини и пријатели. Ќе биде снимена од Македонска радио телевизија, но нема сигурна гаранција дека снимката ќе биде емитувана. Ако тоа и се случи, тогаш, освен товарот на малата гледаност на таканаречениот „јавен сервис“, ќе мора да се соочи и со дополнителниот факт дека ќе биде емитувана во некој најнегледан термин. Многу е веројатно дека емитувањето нема да биде евидентирано пред лиценцираниот заштитувач на авторските права, – што значи дека нема да добие авторски надомест, освен оној незначителен износ за првата изведба во рамките на фестивалот. На нова изведба на своето дело може да се надева по неколку години, најчесто повеќе од една деценија. Ова е просечната слика на авторот, неговото едногодишно остварување и неговата судбина што не може битно да ја променат примерите кога на крилјата најчесто на спрегата меѓу вулгарната политизација во културата и, во извесен степен, понижувачкото подаништво ќе се издејствуваат директни нарачки од износи што се неколкукратно поголеми од вкупните средства предвидени за стимулација на сите автори. Тоа може приближно да се опише како шок соба во која сите пациенти се држат на апарати за инфузија и на апарати за дишење, но, од време на време, некои од нив, поради блискоста со докторите што се на смена, добиваат поголеми дози терапија која само привремено и привидно го подобрува нивниот статус. И покрај моменталниот „допинг“ општата состојба, сепак, останува иста.

 

КОИ СЕ КОРДИНАТИТЕ ВО КОИ РАЗМИСЛУВААТ

РАКОВОДИТЕЛИТЕ И КРЕАТОРИТЕ НА ПРОГРАМИТЕ НА

АНСАМБЛИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА ВО ОДНОС НА

МАКЕДОНСКТО МУЗИЧКО ТВОРЕШТВО? КАКОВ Е

ОДНОСОТ НА МУЗИЧКИТЕ УМЕТНИЦИ?

 

Директорите на националните музички институции кај нас изминативе две децении по правило или најчесто се музички уметници. Не се тоа врвни музички уметници со светска кариера. Тоа се уметници кои стекнале локлен рејтинг и веќе се измориле од дружење со сопствениот инструмент. Немаат доволно менаџерско искуство, но се исклучително вешти во практикување на сопствената позиција. Иако претходните години ретко настапувале дури и кај нас, сега, со некое волшебно стапче успеваат да остварат забележителна меѓународна кариера. Настапуваат во Италија, во Мексико, Виетнам, Камчатка, Франција, Украина – најчесто во земјите од кои доаѓаат солистите или диригентите што настапуваат со институцијата со која раководат. Но, она што е битно за конкретнава тема е нивниот однос кон македонското музичко творештво. Најголем дел од нив, особено, ако претходно биле оркестарски музичари не сакаат да се сеќаваат на маките со кои ги подготвувале премиерните изведби на оркестарските композиции на нашите творци. За нив, особено во релација со доминантниот класичарски и романтичарски репертоар, тоа биле неразбирливи и бесмислени тонски акробации на ексцентричните автори. Некои од нив, притиснати од јавно изнесените ставови во веќе демократизираните медиуми, навидум со разбирање, а во суштина безволно ставаат неколку дела од македонските автори во својата редовна програма. Најчесто тоа се дела од повозрасните автори. Кога се од помлад автор – тогаш многу често станува збор за лични релации и влијанија. Други, осилени од своите блиски реалции со влијателни кругови во власта не се плашат да терат инает со здравата логика и тврдо остануваат на позициите дека во нивните институции ќе се изведуваат дела што ги сака публиката. Иако, многу често со таквите „сакани“ дела концертните или оперските салони се празни или полупразни. Главно и едните и другите не го познаваат довлно македонското музичко творештво. За првите – тоа е нужно зло. За вторите – зло кое може да се игнорира без последици.

Македонските музички уметници, кои, главно имаат локален рејтинг и кариера имаат поинкава практика. Шансите да настапат за поголем број од нив се доста мали. За некои Деновите на македонската музика не се прво, туку и  едниствено скалило во нивниот концертен живот. Знаат дека и покрај речиси целосно замерениот камерен концертен живот, кој веќе се сведува на она што ќе го видиме на Охридско лето или на Интерфест, афирмацијата, нивниот „билет за влез на концертниот подиум“ се делата на македонските автори. Благодарение на нашето творештво дел од овие исполнители можат да се видат на телевизиските екрани, дури и нивните изведби да бидат ставени на носач на звук. Оттаму нивниот однос со делата на македонските автори е поблизок, попријателски дури до тој степен што дел од нив покажуваат лична иницијатива да дојдат до соодветно музичко дело. Квалитетот на нивните изведби е прошарен, но, како што најчесто забележуваат критичарите, повозрасните уметници се потпираат на сопствената рутина, и се препелекаат во својата малаксана изведувачка кондиција, а помладите – своето недовлно мајсторство се обидуваат да го дополнат со поголемата мотивација, елан и младешки ентузијазам. Резултатот и на едните  и на другите главно е сличен: просечен, кој што најлесно се констатира во моментите кога истите дела во сосема ретки пригоди ќе ги исполнат уметниците од странство со висок квалитетен рејтинг.

 

КОИ СЕ ЉУБИТЕЛИ НА КЛАСИЧАНТА МУЗИКА ОД

МАКЕДОНСКИТЕ АВТОРИ?

 

Одговорот на ова прашање може да биде и лесен и тежок. А, можно е и да се проблематизира самото прашање. Имено, дали е коректно да се зборува за љубители на современата класична музика од македноски автори? Во почетокот на минатата (2008) година се дига голема прашина кога директорот на белградската филхармонија објави награден конкурс за најдобар литературен текст на тема „Зошто не ја сакам современата класична музика?“, со поднаслов: „Зошто не одам на концерти на српска современа музика, освен во случаите кога сум нејзин автор јас, некој мој близок роднина или доколку имам работна обврска, а не сум успеал да отворам боледување“? На авторот на одбраниот текст му следуваше награда од 3.000 евра. Најголемиот дел од академските кругови во Белград, а пред се сојузот на композиторите, Факултетот за музичка уметност и некои академци од редот на музичарите го осудија овој, како што го нарекоа, напад врз српската уметничка музика. За некои од нив тоа беше несолена шега или неуспешен виц на директорот Иван Тасовац. Само мал број поединци, меѓу кои и познатито комозитор Зоран Христиќ ова го сватија како духовитост. Можеби и затоа што тие, како што рече самиот Христиќ, се „возови што понекогаш возат и надвор од шините“.

Прашањето, иако на прв поглед е навредливо, се чини дека мошне умешно може да се транспортира врз состојбата кај нас кога станува збор за современата македонска уметничка музика. Деновите на македонската музика, кои, можеби и не докрај правилно се користат како најточен индикатор на односот на публиката кон современото музичко творештвото кај нас, покажуваат дека структурата на публиката е приближно онаа опишана во прашањето од конкурсот на Белградската филхармонија. Со мало проширување и мало стеснување: на Деновите на македонската музика, освен спомнатите категории ја слушаат и извесен број на вообичаено љубопитни проследувачи на музичкиот живот кои сакат да бидат информирани за она што се создава кај нас, а во многу помал број ја слушат колегите на авторите чиишто дела се на програмата.

Ако се изземат Деновите на македонската музика, делата на македонските автори ставени во репертоарот на нашите ансамбли, понекогаш и без соодветно смислена програмска концепција, служат како оправдување за обично помалиот број на и онака проретчената публика. Дали реални, или како параван е прашањето што зависи  од страната која го толкува феноменот. Но, факт е дека современата македонска музика е во сосема видлива „когнитивна дисонанца“ со просечниот посетител на симфониските концерти.

И, ете вака, на еден лежерен начин може да се опишат релациите кај нас на главната естетичка тријада: композитор-дело-публика. Описот е некаков општ пресек и не се однесува на ниту еден поединечен случај.

За да биде сликата покомплетна во однос на состојбите на музичкото творештво кај нас може да се земат и други фактори: музичкото образование, на пример. Се мисли на виското, со акцент врз класите на композиција. Ситуацијата и тука не е нималку розова. Во еден подолг историски континуитет таа може да се опише како пат од:

(1) Композиторски класи кои ги водеа професори излезени од класите, а композиторите од поранешните југословенски центри, кои, пак, претходно беа школувани во Прага, Париз, Виена. Професори кои потоа со лични специјализации во Москва, Париз, со специјалистички курсеви во Драмштад, со редовно учество на големите саеми на југословенската музика во Опатија. До (2) композиторските класи кои ги водат учениците на претходните ученици, школувани, се разбира кај нас, со понекоја посолидна специјализација во странство.

Исто така, во тој историски дијапазон може да се забележи дека „регрутирањето“ на младите идни композитори „прогресираше“ од строга селекција на повеќе кандидати што доаѓаа од просторот меѓу Ниш и Гевгелија, што го покриваше Факултетот за музичка уметност во Скопје, до буквално „ловење“ на малку поспособните средношколци, главно од скопскиот регион, колку да не остане без соспствената класа.

 

МАТЕРИЈАЛЕН НАДОМЕСТ ЗА СОПСТВЕНАТА РАБОТА.

Не е никаква новост ако се каже дека композиторот кај нас не може да живее од својот композиторски труд. Тоа, впрочем не е само кај нас. Според едно истражување од седудесетите години во Австрија, само 5 проценти од композиторите имале приходи со кои можеле да се издржуваат. Поразно и слично со состојбата кај нас е што сите пет се од областа на полуларната музика. Сепак, овој факт е не замерлив. И како што ќе се покаже подолу, во релација е со обемот на создаденото творештво. За споредба: еден просечен млад македонски композитор во шеесеттите години, со одвај десетина создадени творби имал годишени тантиеми доволни да помине еден семеен одмор во Грција. Истиот тој автор денес, со дестпати повеќе дела има годишен авторски приход да направи еден неделен семеен пазар во Веро. Па, имајќи ја предвид сопственоста на трговската фирма, можеби и има некаква врска и логика. Може сликата да се комплетира уште со неколку, навидум помалку важни фактори, но тоа би било преопширно за намената на овој текст.

 

ФАКТИ

За да може да се претстави прецизна дијагноза на состојбата на македонското музичко творештво денес, може да се искористат и некои емпириски показатели. На пример, обемот на новосоздадените композиции за една година.

Од пописот на творбите на македонските композитори направен од авторот на овој текст во 1992 година, се гледа дека за претходните малку помалку од 50 години на современото македонско музичко творештво се созададени над 2000 композиции од сите видови во рамките на жанрот на класичната музика. Просечно околу педесетина годишно, со забелешка дека главниот шпиц во создавањето е во последните три децении од спомнатиот период, односно од стапувањето на сцена на првата комплетно школувана генерација на македонски композитори кон крајот на педесетите и почетокот на шеесетите години. Во овој период во одделни години бројот на новосоздадените творби бил и околу стотина годишно. Нема податоци за сојузот, тогаш Друштво на композиторите на Македонија во тоа време спроведувало некоја специјална политика за стимулација на музичкото творештво.

Во последниве две децении, особено последниве десетина години бројот  на ново создадените дела е сведен на двесетина годишно. Од нив најголемиот дел, речиси деведесет проценти се дел од стимулативната политика на СОКОМ. Таква и во таков обем како што беше спомнато во почетоков на текстот. Дури и во делот на нарачаните дела, не се напишани сите нарачки. На пример, во 2002 година се нарачани 16, а напишани 12 дела, во 2003 се нарачани 18, а напишани 15, во 2004 нарачани 22, а напишани 15 и тн. Тоа, се разбира, директно се рефлектира врз бројот на премиерно изведени дела на Денови на македонската музика каде што се забележуваат слични тенденции.

Колку ова е во релација со бројот на завршени млади композитори треба дополнително, низ поинакви анализи, да се констатира. Но, фактот дека заминувањето од овој свет на „матадорите“ на македонското музичко творештво од шесетите, седудесетите и осумдесетите години какви што беа Благоја Ивановски, Тома Прошев, Властитмир Николовски, Томислав Зогравски, Димче Николески, па подоцна Стојче Тошевски, Ристо Аврамовски, Драгослав Ортаков и уште неколкумина не доби соодветна компезација: ниту според бројот и особено, ниту според квалитетот на завршени малди композитори во овој период. Меѓу другото и поради квалитетот на композиторските класи кои рабоета во меѓувреме, а за кои стана збор повеќе. Уште ако се додаде податокот дека во меѓувреме прерано почина и еден од најамбициозните професори и солидни композитори од помлада генерација – Гоце Коларовски, сликата за вакумот и за причините за него ќе биде покомплетна.

 

РАЗВРСКА

Да се вратиме сега на релациите во тријадата автор-дело-публика и да пробаме да дадеме извесни насоки за надминувањето на тензиите што владеат  во секоја од тие релации, а кои беа опишани во почетокот на текстот. Ќе го направиме тоа по обратна насока. Значи ќе започнеме од публиката.

Расчекорот што постои меѓу просечниот љубител на класична музика и просечното дело на македонскиот автор е сосема евидентно.На тагата на причините на таквиот расчекор, иако тој не е никаква мистификација и без тоа, можат многу прецизно да не доведат определни реакции за определени дела, дури и во рамките на специфичниот аудиториум што ги следи Деновите на македонската музика. На пример, кога реакциите на публиката ќе бидат дијаметрално различни кон Девеете минијатури од Благој Цанев и кон конпозицијата Егзодус од Тома Манчев, во полза на првата, иако за втората авторот ја добил нагарадата СОКОМ за најуспешно остварување во текот на годината, тогаш е јасен индикаторот дека стилските карактеристики да делото играат решавачка улога во однос на прифаќањето на публиката. Многу поголема од техниките и занатските карактеристики. Потврди за ова има безброј. Меѓу другото и концертот со филмска музика на ДММ 2008 година кога беа изведени и фрагменти со многу скромни композициско-технички дострели, а наидоа на одличен прием кај публиката.

Им се допаѓало тоа на македонските автори или не, мора да се констатира дека ако се сака да се намали расчекорот меѓу делото и публиката мора да се направат чекори од две страни. До сега некои од авторите што преферираат по радикален музички јазик, во светот значително надминат, но кај нас од кој знае причини се уште актуелен, значи, авторите на овие дела како да сакат публиката да го мине јазот што нив ги раздвојува, иако воопшто  не сака ниту да погледне во амбисот што ги дели. Но, како што рече еден од авторите на трибината што на оваа тема ја организира СОКОМ, за да се направи тоа треба да се знае. Дали тој со тоа сакаше да каже дека некои творци не го познаваат занаетот доволно за да го направат тој чекор ќе остане тајна и можност за спекулации.

Фактот што ние ниту денес, ниту во минатото не можеме да зборуваме за некаква компактна композиторска струја што може да се нарече македонска композиторска школа сам по себе и не мора да значи некаков хендикеп. Стилскиот плурализам бил карактеристичен и за многу похомогени музички историски епохи. Но, значително стеснетитот простор да се установат определени цврсти стилски координати во рамките на индивидуалните опуси кај определен број композитори веќе може да биде индикатор за изгубен творечки компас. Не станува тука збор за некои еволутивни процеси кога еден автор еволуира во својата естетика преминувајќи од еден во друг стил, кој е забележлив не само во музиката од  втората половина од минатиот век, туку и во поранешните епохи. Станува збор за состојба кога авторот од едно до друго  дело, и колку да се тие ретки, или можеби токму заради тоа, како да минува од стил во стил, притоа вртејќи се во некој неразбирлив круг. Тоа веќе е знак за стилска и естетска дезориентираност или за немање некаква изградена и цврста лична естетика.

Сигурно ваквите јасни, категорични и релативно строги заклучоци бараат егзактна поткрепа со конкретни примери. За жал тие во моментов се надвор од опсегот на овој текст, но секако ќе следат.

Определни реакции на изведувачите во однос на некои од делата изведени од претходните години, на пример, при изведбата на композицијата „Зодијак“ од Сони Петровски, покажуваат дека тие немаат априори одбивен став кон македноското музичко творештво. Она што може да се заклучи од овој и од уште некои други примери е дека оркестарските музичари сакаат музика  со релативно питом, тонален јазик. Се разбира,  тоа не ги оправдува во случаевите кога тие дават отпор  и без соодветен елан и ентузијазам му приоѓат на македноското музичко творештво. Тие се професионалци што треба максимално професионално да ги отсвират сите дела што ќе се најдат на нивниот пулт. Но, самите автори  не може да го пребегнат овој факт, и колку тој да нема професионална нишка. Особено ако тоа го стават во релација со јасните преференци на публиката опишани погоре. И ако сакаат нивната музика да комуницира  со слушателот. А, за кого би пишувале ако не за него. Музиката лишена од комуникација со нејзиниот слушател е бесмислена.

Темата која тука се тангира е исклучително комплексна. И. бидејќи задира во сверите на неприкосновената творечка слобода – исклучително чуствителна. Свесен за опасностите што демнат кога ќе се навлезе во тоа неприкосновеното творечко подрачје, за кревкоста на творечките суети кога ќе се гибне во тие „силно ерогени“ зони, јас си дозволив да дадам еден релативно слободен опис и да предложам определена насока во која може да се бара излез од состојбата во која се наоѓа македонското музичко творештво денес. Насоката што ја предложив не е единствено можна. Дури напротив, таа мора да биде комбинирана со сплет од паралелни патишта и мерки за  кои во овој текст стана малку збор или воопшто не беа спомнати. Но, од некаде мора да се почне. Може притоа да се греши, но тоа е помалку опасно отколку ништо да не се превзема. Зошто, времето минува бесповратно.


[1] Овој текст е директно преземен од делото: „ ALL ` INFINITO: есеи за македонската музика“ од Марко Коловски. Скопје: Сојуз на композиторите на Македонија (СОКОМ), 2009.

Leave a Reply