Панкот – мртов или не?

(кон филмот „Панкот не е мртов на Владимир Блажевски и врските со македонското транзициско општество)

Панкот не е мртов
„Панкот не е мртов“ (2011), режија: Владимир Блажевски, сценарио: Владимир Блажевски, музика: Александар Пејовски, продуцент: Дарко Попов, улоги: Јордан Симонов, Камка Тоциновски, Тони Михајловски, Џевдет Јашари, Кирил поп Христов.

 

Најновиот македонски филм „Панкот не е мртов“ ја имаше својата премиера на 15 април 2011 год.  Се работи за нискобуџетен филм, чијашто реализација беше малку задоцнета поради финансиските проблеми со кои се соочуваше филмот.  Режисерот Владимир Блажевски се враќа на сцена по скоро 20 години пауза од неговиот последен филм („Булевар на револуцијата“, 1992, „Хај-фај“, 1987) и се потпишува и како сценарист на филмот.  Станува збор за филм којшто ја следи приказната на членовите на пропаднатиот популарен (на времето!) скопски панк бенд „Работничка терапија“, кој не свири веќе 17 години, а чиишто членови живеат на стара слава и го „фураат“ стариот панк имиџ (барем оние кои се останати да живеат во Скопје).  Многу реална приказна во којашто можат да се препознаат доста бендови кои ги имале своите моменти на слава и оставиле времето и транзицијата да си го направат своето.  Во овој случај, ликовите, со кои се среќаваме во филмот се луѓе во своите доцни 30-ти години кои живеат на маргините на општеството, кои не успеале да се прилагодат на новонастанатите општествени промени, и кои работат различни работи за да преживеат, и често излегуваат надвор од законот.  Целиот заплет во филмот се случува кога на фронтменот на бендот, Мирса, му е понудено да направат свирка за една невладина организација во Дебар под капата на мулти-културен хепенинг.  Ова, од една страна претставува повторна шанса бендот да засвири по пауза од 17 години и плус, да заработи некој дeнар, а во исто време претставува и опасност да се изневерат панк начелата со тоа што ќе се прифати да се свири за НВО, во Дебар, на некој хепенинг за меѓуетничка толеранција и разбирање.

Мора да се признае дека и покрај доста реалистичната приказна за ова социјално милје, почетокот на филмот и нарацијата водена од страна на фронтменот на бендот, не е ветувачки.  Но, од моментот кога овој филм започнува да се движи во насоката на road movie, работите започнуваат да се менуваат.  Динамиката на филмското дејство се засилува, приказната добива јасен тек, фината доза на црн хумор, употребата на сленгот и доследноста на главните јунаци до панк начелата, започнуваат полека да го вовлекуваат гледачот во филмското дејство,  и сето тоа поткрепено со одличната глума на Јордан Симонов (Мирса), а особено на Тони Михајловски (Љак) и Ратка Радмановиќ (мајката на Мирса).  Сепак, се чини дека филмот не успева целосно да излезе од границите на црна комедија / road movie и да прерасне во нешто за што има капацитет, а тоа е култен филм за едно време и транзициско општество, како и за влијанието што транзицијата ја направила врз своите деца.  Можеби ова се должи на недоволната развиеност на карактерите (освен Љак, Мирса, сепак, не толку доволно, како и Нина, неговата девојка, другите членови од бендот се полесно исцртани).  Во секој случај, филмот е изработен доследно и ја дораскажува приказната која е започната на почетокот – свирката сепак се случува, бендот е посоединет од кога било, а за тоа дали панкот навистина не е мртов или ги доживува своите последни проблесоци, му е оставено на гледачот да одговори.

Она што е особено значајно за „Панкот…“ е што филмот ја дава реалистичната и тажна слика за состојбата на Р. Македонија по периодот на конфликтот од 2001 год. и транзицијата, која, не сме сигурни дека е завршена.  Ако тргнеме од фактот дека ниту едно уметничко дело не останува немо за времето во коешто настанува или за коешто зборува, „Панкот…“ во голема мерка проговорува за проблемите што го тиштат ова општество.  Да ја оставиме за момент настрана социјалната димензија на неговите ликови и начините со кои се справуваат за да преживеат,  и да се свртиме кон етничката проблематика за која се обидува да говори филмот.  Добро познатата изрека дека од твоите нема да куртулиш, без разлика ако куртулиш од другите, е соодветна во овој случај.  На свирката во Дебар, Албанците започнуваат да ги напаѓаат членовите на групата, но тие се најражестени поради Албанецот Џеро, кој е организатор на настанот и кој ја донел групата да свири таму.  Исто така, не треба да се заборави и вооружената групација која ги запира членовите на бендот кога одат кон Дебар и која, и покрај тоа што има двајца Албанци во џипот, гледа со недоверба на групата, од причина што се работи за мешана група на луѓе кои одат во Дебар на свирка.  На крајот на филмот, навивачите на клубот „Вардар“, Комитите, ги претепуваат членовите на групата само поради тоа што тие отишле да свират за Албанци во Дебар.  Ова само укажува на гетоизираните заедници во земјата и за недостатокот од меѓусебно познавање и почитување, без разлика на тоа колку мулти-културни настани се имаат случено.  За разлика од ова, составот на панк бендот уште од самиот почеток ги крши границите – во првата постава составот брои четири члена во кои се мешаат Македонци, Србин (Жути, српско потекло), Босанец (Паша – македонско-босанско потекло).  Во новата постава, со свирката во Дебар, добиваат и уште еден Албанец и Ром, кои ги вклучуваат во своите редови.  Сите се обединети преку љубовта кон музиката, не ставајќи го во преден план своето потекло и етничка припадност.  На оваа групација им се придружуваат уште два женски лика, Нина и Мими, девојките на Мирса и Жути, како и љубимецот на Љак, жабата Фердинанд, кој е присутен на целото патешествие, додека не е смачкан од главниот на Комитите во финалната тепачка.

Маѓународниот фактор, овде претставен преку НВО која го организира мулти-културалниот хепенинг во Дебар и која се повлекува пред настанот, иако многупати извикан со негативни критики од страна на членовите на бендот, сепак успева да го зајакне мешаниот состав на бендот (со тоа што им вклучува и Албанец и Ром), но не успева да ги смири тензиите што постојат во двете заедници.  „Нашите“ и „нивните“ се постојано употребувани термини, во зависност од тоа на која „страна“ се припаѓа (да се потсетиме само на примерот со бабичката која се обидува да има даде добар совет кога го губат патот кон Дебар).   На крај, невината жртва која сосема бизарно е убиена, е жабата Фердинанд, која, токму поради тоа што е сосема необично милениче, е извор на различни хумористични ситуации универзални за сите, без разлика на тоа дали некој е Македонец или Албанец, или пак припаѓа на друга етничка заедница.

Сепак, по погребот на Фердинанд, членовите на групата, доследно следејќи ја панк идеологијата, продолжуваат прават шеги на своја сметка.  Ако смеата уште останува, можеби останува надеж и за едно општество со малку поинакви вредности?

 

Мирјана Недева

Leave a Reply